Во интервју за „Газето дело Спорт“, Жозе Мурињо се потсети на „бајката“ со Интер во 2010 година, кога ја освои тројната круна. Тој успеа да се закити со трофејот во Серија „А“, Купот на Италија, а ја освои и Лигата на шампионите. Дел од таа екипа беше и Горан Пандев кој ќе остане запишан со златни букви во историјата на оваа екипа.

Мурињо вели дека таму бил како дома, го давал срцето 200% и дека биле како една фамилија, имало огромна хемија.

„Во кариерата бев најдобар кога ќе се чувствував како дома, каде што ќе можев да ја почувствувам емоцијата на мојата екипа, каде бев со срцето 200%.“, рече Мурињо и додаде:

„Затоа тој 22 мај во Мадрид бев задоволен за да ги направам среќни другите, се од претседателот Морати до луѓето кои работат во магацините. Веќе ја освојував Лигата на шампионите. Некогаш размислував за себе, некогаш за другите, но во Интер не беше така. Кога во фамилијата станувате татко, разбирате дека некој е поважен од вас и дека вие се селите на второ место“, рече Мурињо.

Рече дека некогаш знаел да биде и остар…

„После поразот од 3:1 во Бергамо во јануари 2009 година, јас бев остар. Ги критикував и на крајот кога им реков дека го освоија Скудетото со лоши игри. Сфатив дека ги повредив, и потоа им се извинив“, рече Мурињо.

Тој откри што се случувало после освојувањето на ЛШ во Мадрид кога се вратил во Милано.

„Да скандираа навивачите да останам, можеби никогаш немаше да заминам во Реал. Некои велеа дека имав договорен трансфер во Реал уште пред финалето, но тоа не е вистина. Го одбив Реал кога бев во Челзи , но не можев да го одбијам трет пат. Одлучив дека ќе заминам после полуфиналето кога ја минавме Барселона“, рече Мурињо.

Тој откри дека и натаму се слуша со играчите.

„Десет години подоцна сите сме заедно. Пред некое време разговарав со Алесио, тој е нашиот шофер. Каде се случува кога тренер ќе си замине, да разговара со својот возач? Никогаш! Тоа е Интер за мене, ова е мојот народ“, гласно изјави Мурињо.