*Пред 10 години нашиот најдобар фудбалер со Интер славеа над Баерн Минхен во финалето од Лигата на шампионите

Беше 22 мај 2010 година кога на стадионот на Реал Мадрид се одигра финалето од Лигата на шампионите. Вечерта кога Македонија навиваше за Интер и кога сите се радувавме на успехот на Горан Пандев, кој се радуваше на најголемиот клупски пехар во фудбалот.

Интер славеше со 2:0, со двата гола на Диего Милито во меч на кој нашиот капитен имаше супер шанса за гол, одигра добар  натпревар по кој доби многу позитивни критики, а посебно од тренерот, Жозе Мурињо.

За денот од пред 10 години СПОРТМЕДИА е на линија со Пандев. Во Џенова се присетува за големото финале:

“Тоа е мојот најголем успех во мојата фудбалска кариера. Таа сезона во Интер, во која клубот освои се што можеше да се освои од титули. Посебен меч, посебни емоции во финалето против Баерн Минхен. Силниот тим на Германците беше еден вид на фаворит на ова финале. Ние го имавме Мурињо на клупата. Имавме супер екипа на сите позиции. Јас играв и како лево, па некогаш десно крило, во нападот како „десетка“ во линијата за врска. Сè во функција на клубот, онака како што ќе замислеше Мурињо.

А финалето!? Како да беше вчера. Исцрпувачки меч, многу трчање и Милито и неговите два гола. Штета што при 1:0 за нас не дадов гол при оној удар од 15/16 метри. Ја видов топката во мрежата, но голманот на Баерн со врвот од прстите успеа да одбрани. Штета тоа ќе беше круна на мојата добра сезона, но и вака не е лошо…“, се присетува Пандев за настанот кој денеска слави јубилеј.

Титулата во Лигата на шампионите за нашиот фудбалер дојде само неколку месеци откако стана член на Интер. Во јануари 2010 година тој дојде по бурната разделба со Лацио. Подоцна, од денешна перспектива тој трансфер е прогласен за најдобро зимско засиливање во Италија за последните 20 години.

„Уф… Бев жеден за фудбал по сето она што се случи со Лацио. Дојдов во Интер каде бев одлично примен. Имаше жестока конкуренција. Јас се трудев, давав се од себе и успеав во еден состав кај голем тренер, во генерација која направи вистинска сензација и ги освои сите титули таа 2010 година“, е мислењето на Пандев.

Но сега зборуваме за финалето и јубилејот. Баерн е совладан, Интер слави на „Сантијаго Бернабеу“ а таму на теренот за првпат во една таква фешта и знамето на Македонија.

„Бев горд на себе и на моето знаме на грбот. Не само јас секој од фудбалерите си го имаше своето знаме со себе. Уште кога тргнавме од Милано бевме подговени и да славиме. Интер имаше многу интернационалци. Многу различни знамиња и една радост за еден пехар. Пехарот кој сите го сонуваат, кој ете и јас успеав да го освојам. Ова финале и тоа славје во деновите кои следеа јас вечно ќе ги паметам. Тоа им го посакувам и на сите наши фудбалери од Македонија кои имаат или почнуваат интернационална кариера. Тоа е врвот за еден фудбалер – да освоиш Лига на шампиони“, е пораката на големиот Горан Пандев.

ЈАС, БАЛОТЕЛИ И АРНАУТОВИЌ..

Од генерацијата на Интер која ја освои Лигата на шампионите во Мадрид пред 10 години останаа малкумина фудбалери кои се уште се активни.

„Повеќето, речиси сите се пензионери. Некои станаа тренери, како мојот голем другар Деки Станковиќ. Но, останавме уште тројца ми се чини. Јас во Џенова, Балотели во Бреша и Арнаутовиќ кој игра во Кина. Толку сме….“, е изјавата на Пандев.

МОРАТИ НЕ ПОВИКА НА ВЕЧЕРА, НО….

„Беше планирано денеска да се собереме во Милано на вечера со тогашниот претседател Масимо Морати кој не покани сите кои бевме дел од финалето. Но, ова е време на пандемија, на затворени граници. Можеби во некоја друга прилика ќе го одбележиме овој јубилеј. Пред неколку дена добив специјално брендирана маица од Интер за „десетгодишнината“ од победата во финалето во Мадрид. Ова е историја која секогаш ќе се присетуваме на секој 22 мај. Среќен сум што сум дел од историската генерација на Интер, клубот во кој ги минав најубавите години од мојата кариера“.