Откако и дефинитивно се знае дека сезоната 2019/20 ќе се продолжи со доигрување на четирите кола од третиот круг, а потоа во плеј – офот уште пет кола, тогаш јасно е дека лидерот Вардар, уште многу ќе се поти за освојување на титулата и симнување од тронот на шампионот Шкендија.

Имено иако вардарци имаат 46 бодови, десет повеќе од Силекс и единаесет од Шкендија во пресрет на  рестартот на сезоната, тоа никако не значи дека се е готово, напротив. Во игра се уште 27 бодови, а јасно е дека според распоредот лидерот треба да одигра уште по два меча и со кратовци и со тетовци. Ајде да ја земеме на пример Шкендија.

Во случај тетовци и двете супер – дербија да ги добијат, тогаш разликата ќе падне на пет бодови. Тоа значи дека доволно е Вардар на останатите седум мечеви да одигра барем еднаш реми и еднаш да загуби и ете ги тетовци на првото место, секако под услов Шкендија да победува.

Посебно ако се знае дека Вардар секој меч ќе мора да го игра “на нож“ што се вели, зошто во плеј – офот ќе ги одмери силите со клубови кои ќе играат за излез во Европа. Плеј – аутот во секој случај ќе биде помалку интересен, зошто нема да има излегување од елитата.

Се разбира дека ова некој ќе го сфати како “весела“ математика, но тие се бројките. Практично на Вардар му треба уште многу борба, многу пот за да дојде до целта. А Шкендија и Силекс ќе чекаат во секој момент вардаров кикс.