Лука Јовиќ блескаше во дресот на Ајнтрахт Франкфурт до пред една година. Бројни клубови лицитираа за младиот српски напаѓач на кого многумина му предвидуваа светла иднина. Реал Мадрид ја победи конкуренцијата со тоа што плати 60 милиони евра кои клубот од Франкфурт со задоволство ги прифати. А денес Јовиќ се споменува како голема грешка на Реал Мадрид, затоа што никој на „Бернабеу“ не е задоволен од неговиот ефект на 24 натпревари (два гола и две асистенции). А проблемите со Јовиќ продолжија и за време на карантинот кога ги прекршил мерките со тоа што бил на роденденска забава кај девојката, а потоа и мистериозната повреда на стапалото.

Пред да дојде во Реал, Јовиќ бил и на радарот на Барселона која се откажала, пишуваат во Шпанија. Тогашниот генерален директор на Барселона Пеп Сегура барал српскиот напаѓач да се следи внимателно, а скаутите собирале податоци од неговите натпревари за Ајнтрахт. Заклучокот бил дека се работи за квалитетен фудбал кој не одговара на стилот на првакот на Шпанија.

Барса бара напаѓач кој често трча за да може да соработува со редот за врска, додека за Јовиќ навеле дека е премногу статичен, со „роботски стил“, дека е премногу фокусиран на гол и на шут, а малку комбинира со соиграчите.

Во март 2019 тројца оперативци на Барселона Сегура, Абидал и Рамон го гледале Јовиќ на дело. После натпреварот со Интер во Лига Европа имале и состанок со менаџерот на фудбалерот Фали Рамадани. Но од Реал реагирале побрзо и за само неколку часа постигнале усмен договор, а веќе на почетокот на летниот преоден рок се избориле и за писмен договор.

Барселона наводно се откажала свесно, поради горенаведените причини…