На денешен ден пред 15 години Ливерпул и Милан го одиграа едно од највозбудливите и најлудите финалиња во Лигата на шампионите. Се играше на стадионот „Ататурк“ во Истанбул. Моќниот Милан предводен од Карло Анчелоти во првото полувреме имаше предност од 3:0 и се чинеше дека ќе го освои трофејот (голови на Малдини и два на Креспо).

Меѓутоа се случи чудо. Во тоа време моќниот, искусниот и поквалитетниот Милан за шест минути падна на колена. Мотивираните „црвени“ од градот на Битлси го ослободија својот раскошен потенцијал и ум и ја стигнаа предноста на „росонерите“ 3:3.  Капитенот Стивен Џерард го матираше Дида, по него Владимир Шмицер со шут од 20-тина метри ја погоди мрежата, а драмата го достигна врвот кога судијата покажа пенал по фаулот на Гатузо над Џерард.

Ударот на Алонсо го одбрани Дида,  но Шпанецот ја смести одбиената топка во голот за еуфорија.

Се прејде кон изведување на пенали во кои блескаше полскиот чувар на мрежата на Ливерпул Јиржи Дудек. Претходно му „скина“ два зицери на Шевченко, а во пенал-рулетот му одбрани пенал на Украинецот за победа на Ливерпул од 3:2.