Она што кружеше како информација пред еден час сега доби и официјална потврда. Евролигата и Еврокупот се откажани без да бидат прогласени шампиони. Првиот човек на Евролигата Жорди Бартомеу утринава им даде предлог на клубовите да ја откажат сезоната и да се фокусираат на идната, а после состанокот клубовите одлучија да стават крај.

На повеќето клубови не им беше до играње, а и играчите не сакаат да се враќаат на паркетот поради ризикот од заразување со коронавирус.

Идната сезона 2020/21 во Евролигата ќе учествуваат истите 18 клубови од оваа. Ќе стартува на 1 октомври 2020 како што беше и претходно најавено. Клубовите треба да ги следат мерките предложени од Владите и Здравствените работници и да ги следат протоколите за заштита на своите Федерации.

Во Еврокупот кој ќе стартува на 30 септември осум тимови имаат загарантирано место и идната сезона, а тоа се оние што изборија пласман во четвртфиналето. Другите 16  ќе бидат одредени според местата што ги заземаат во домашните првенства.