ЕЛПА, синдикатот на кошаркарите од Евролигата, утрово испрати писмо до Унијата на акционери на лигата дека во моментов е најдобро предвреме да се заврши сезоната во најсилното клупско натпреварување на Стариот континент.

Синдикатот на кошаркарите во писмото ги наведува ризиците што би се појавиле доколку продолжат натпреварите.

Меѓу забелешките што се прикажани во писмото, се и проблемите за патување. Според ЕЛПА, околу 70 играчи во Евролига се уште се во САД. Овие играчи ќе се соочат со потешкотии со враќањето во Европа, а со тоа ќе ги стават во опасност и самите нив и нивните семејства.

Освен играчите од САД, многу играчи се во земји каде сè уште се под строги ограничувања за карантин, што ги доведува до ограничени опции за тренинг.

Покрај тоа, ЕЛПА предупредува дека во моментов не е можно целосно да се гарантира безбедност за играчите, тренерите, службените лица и сите други кои ќе бидат вклучени во преостанатите натпревари, бидејќи пандемијата на коронавирус во Европа не е завршена.