Данчо Целески, некогашниот репрезентативен голман на Македонија, екс интернационалец во Унгарија во тимот на Ниреѓихаза, според медиумите во таа земја е споменуван како еден од најдобрите голмани во негово време. Да потсетиме дека Целески беше во Унгарија од 1998 до 2001 година. А во таа сезона 2000/01 беше избран во идеалниот состав на Лигата кога станува збор за странските фудбалери.

“Убаво што медиумите во Унгарија го “извадоа“ тоа пред неколку денови, а Спортмедиа пренесе кај нас прва. Сепак сакам да дополнам. А тоа е дека јас сум избран во идеалниот состав на Ниреѓихаза за 20 век. Тоа посебно ме радува. Исто така Немзетиспорт во соработка со порталот 4-4-2, според оценките ме избра во идеалниот состав на Лигата во таа земја од кога постои па се до 2012 година“, вели Целески за СПОРТМЕДИА.

Сето ова покажува дека Целески имал супер три сезони во дресот на Ниреѓихаза?

„Да, во секој случај, јас сум презадоволен од тие 3.5 години колку што бев во тој клуб. Последната сезона ја минав и како помошен тренер. Подоцна Ниреѓихаза ме бараше да бидам и прв тренер, но одбив, почнав приватен бизнис и така повикот, кој за мене беше нешто посебно, не можев да го прифатам. Инаку и сега контактирам со луѓе од клубот, со мои некогашни соиграчи, пријатели. Често патувам во Унгарија, а во Охрид ги дочекувам, посебно летно време“, коментира некогашниот репрезентативен голман.

СИНОТ БОБИ ТРГНА ПО МОИТЕ СТАПКИ

Данчо не крие дека е горд што има наследник, а тоа е синот Боби Целески кој исто така е голман.

“Апсолутно сум горд на Боби. Станува збор за талентиран голман, некогашен член на сите наши млади селекции, а сега е интернационалец во Албанија, во тимот на Теута. Не сакам премногу да влијаам во неговата кариера, сега е возрасен и самиот си решава за тоа што и како со кариерата. Во секој случај јас сум тука да помогнам“, вели Целески сениор.

Инаку Данчо одамна не е во мак – фудбалот, причината зошто е тоа така?

“Па, не знам ни самиот зошто е тоа така. Пред извесно време почнав со приватен бизнис, и мислите и сето време што го имам го “трошам“ на тој план. Можеби некогаш би се вратил во фудбалот, но сега за сега, не“, истакна Целески.