Откако се знае дека сепак ќе има фудбал во Македонија, оној прволигашки, откако се знае дека тековната сезона која беше прекината на 12 март, ќе продолжи на 14 или 17 јуни, пред Бесарт Ибраими е двојна задача. И двете се тешки, но не и неостварливи. Имено како прво треба да и помогне, се разбира со своите голови, на својата Шкендија како знае и умее да го стигне Вардар, а втората е во наредните девет кола како знае и умее на листата на стрелците да го стигне вардарецот Даниел Аврамовски.

Вардар на Шкендија и бега 11 бодови, но уште ништо не е готово, посебно ако се знае дека овие две екипи ќе одиграат уште двапати меѓусебе, можно е и двете средби да се играат под Шара. Аврамовски пак на Бесарт му бега четири гола, тој има 10 постигнато досега, додека најдобриот фудбалер на Шкендија само 6 оваа сезона.

Интересно е дека Бесарт во изминатите пет кола од пролетниот дел, се уште се нема радувано на гол, онаа велемајсторија со Работнички во Купот, не ја сметаме. Сега Бесарт е одморен, тешката повреда од лани е далечно минато, и сега сите во Шкендија од својот напаѓач очекуваат голови и само голови, и тоа во серија.

Се разбира дека свои мотиви си има и вардарецот, но Бесарт најавува жестока битка и сака да стигне до четвртата титула најдобар стрелец во ПМФЛ. Ако лани само поради повредата истата му избега, сега тој сака да си ја врати.

Што се однесува до листата на стрелците во ПМФЛ, ако сте ја заборавиле драги читатели, еве ви ја, погледнете ја, за да знаете како стојат работите во пресрет на “рестартот“ на сезоната:

ЛИСТА НА СТРЕЛЦИ

10 – Аврамовски (Вар)

9 – Алими (Шке), Прелчец (Бор)

7 – Паду (Мак), Селмани (Рен)

6  – Б. Ибраими (Шке), Серџио (Шку), Божиновски (Мак)

5 – Тошевски (Раб), Адеми (Рен), Имери (Шке), Кировски (Стр), Леовигалдо (Вар).