Ѓоко Хаџиевски, еден од нашите најдобри тренери, екс селектор на Македонија, е еден од оние македонци кои се “заробени“ ширум светот поради кризата со коронавирусот.

Ѓоко е тренер на Емирејтс, клуб од градот Рас ал-Кајмах во Обединетите Арапски Емирати. Првенството, за тоа нешто подоцна, е прекинато пред два месеци, и сега тој заедно со своите соработници Никола Аврамовски и Филип Деспотовски, си имаат проблем како да се вратат во Македонија.

И овде во ОАЕ короната удри со сета сила. Се прават многу тестови, но затоа има и доста заразени. Најголемата стапка оди кај странците, посебно кај Филипинците кои живеат во посебни квартови и таму Ковид-19 просто коси, што се вели. Ние сме добро, се чуваме, многу ретко излегуваме од дома. Секако дека се надеваме дека наскоро ќе се вратиме во нормала. Секако дека сакаме да се вратиме дома, и тоа е проблем, но помал проблем е заминувањето од ОАЕ отколку повторното враќање. Тоа е сложена процедура, останува да почекаме да видиме што ќе се случува понатаму“ вели Хаџиевски специјално за СПОРТМЕДИА.

ПРЕКИН НА ПРВЕНСТВОТО ВО НАЈНЕЗГОДНО ВРЕМЕ

До прекинот на првенството во Втората лига во ОАЕ, тимот на Ѓоко, Емирејтс, беше убедливо прв, и само катаклизма можеше да ги спречи да не влезат во Првата лига.

И таа катаклизма дојде во вид на Ковид-19.

Се уште чекаме, не се знае што и како со првенството. Допрва овде се расправа дали ќе се продолжи или ќе се поништи, и ако се прекине дали ние ќе одиме во елитата. Имено прекинот дојде, во, за нас, најнезгодно време. Остануваа уште четири кола да се доиграат, а ние бевме убедливо први, со голема бодовна разлика, практично бевме влезени. Остануваше само уште тој наш пласман да го официјализираме. И сега ако за нас нема влез во Првата лига тоа ќе биде навистина срамно. Потрошени се големи средства, навистина одигравме квалитетно, бевме најдобри во лигата. Апсолутно заслужено треба следната сезона да играме со најдобрите клубови во Обединетите Арапски Емирати“ ни изјави Хаџиевски во телефонскиот разговор.