Литванскиот прволигаш Тракаи по тригодишна битка ја доби војната со Максим Максимов и ФК Вардар. Ова стана јасно откако клубот објави дека судот за спорт во Лозана донел пресуда во корист на Тракаи иако жалба до оваа инстанца имал дадено фудбалерот, а по одлуката на ФИФА за негова суспензија, парична казна и „замрзнати“ транфери за Вардар во времетраење од два преодни рока.

„За мене како личност која инвестира во фудбалот, ова е многу важно, пред се и за сите оние кои работат во клубот. Ние можеби сме мал клуб но сите ние кои сме тука сме со големо срце“, изјави Јан Невоина, првиот човек на Тракаи.

Тој напомена дека во летото 2017 година за Максим Максимов имало интерес од многу екипи од Чешка, Словачка, Полска но фудбалерот се одлучил незаконски да замине во Вардар иако имал обрски кон Тракаи.

Вардар во август 2017 година го ангажираше Максимов кој беше просечен голгетер кој не се снајде во нашиот домашен шампионат. Тој не остави никаква трага во играта на „црвено-црните“ но создаде бура од проблеми кои се рефлектираат и со моменталната слика кај нашиот најтрофеен клуб.

Поради Максимов, Вардар во два преодни рока немаше право да ангажира нови фудбалери (последниот е Фелипе во зимата 2019 година).

Максим Максимов ја одлежа казната од 4 месеци како суспензија, истата ја одлежа и Вардар (забраната за трансфери до јуни 2020), но кој ќе ги плати сега парите кои треба да ги добие Тракаи, а се околу 150.000 евра!?

Оваа одлука од судот за спорт во Лозана е уште еден тежок дебакл за службите на ФК Вардар кои повторно паднаа на испитот и незнаењето на фудбалските правила.