✍️ Подготви: Марија Ковачева


‼️ 💬 Најважно е да се направи баланс. На новите играчи кои ќе дојдат треба да им помогнеме, да ги поддржиме, да им го пренесеме нашето искуство, а тие пак ќе имаат задача да ни вратат со нова енергија, крв и амбиции.

‼️ 💬 Имам едно прашање, дали доколку Барселона, Кил, Веспрем и ПСЖ не се најдоа на првите две места во групите, дали ЕХФ ќе донесеше ваква одлука? Искрено мене ми е криво за Пик Сегед, Фленсбург и Келце, играат одличен ракомет

‼️ 💬 Македонија има убави места, планираме со семејството да посетиме дел од нив. Сакам да ги видам Струга, Охрид, Маврово, секако во согласност со обврските“

Тимур Дибиров ќе ја игра осмата сезона во „црвено-црниот“ дрес. Рускиот репрезентативец во Скопје дојде во 2013 година, стана заштитен знак на Вардар, миленик на фановите на европскиот првак. Неговата пожртвуваност, професионалност на теренот и надвор од него го прави незаменлив на крилната позиција.

Љубовта на Дибиров кон македонскиот тим не згасна и додека траеше неизвесноста околу иднината, негова желба била амбициите и нивото да останат исти. И покрај бројните понуди, Вардар бил првата опција.

Три дена пред годишнината од втората титулата во Лигата на шампионите, СПОРТМЕДИА зборуваше со Дибиров за сегашноста, иднината и убавите мигови кои Вардар и ги приреди на македонската публика.

🤾‍♂️ Како го мина карантинот, што ти фалеше најмногу освен ракометот?

„На почетокот кога се појави вирусот очекував да продолжи Лигата на шампиони, СЕХА-лига, како и домашното првенство. Но, откако сезоната беше целосно суспендирана, одлучив да се одморам, да направам пауза, се посветив целосно на моето семејство.

Поради сите патувања и обврски, времето минато со моите деца секогаш беше минимално. Искрено, оваа пауза беше добредојдена, моите деца беа пресреќни оти постојано бев со нив, заедно учевме, би рекол квалитетно го поминавме времето.

Сега откако нема полициски час, се врати онаа слобода, можеме да излеземе кога ќе посакаме, не сме ограничени со времето“.

🤾 Дали по целосно олабавување на мерките ќе се вратиш на кратко во Русија, каков е твојот план за ова лето?

„Претходно планирав да одам во Русија, но таму сега пикот на пандемијата коронавирус, па токму затоа побезбедно е да останаме во Скопје. Не би сакал таму да останам во карантин 14 дена, а потоа истото да ме дочека и тука.

Македонија има убави места, планираме со семејството да посетиме дел од нив. Сакам да ги видам Струга, Охрид, Маврово, секако во согласност со обврските“.

🤾‍♂️ Го продолжи договорот со Вардар и покрај понудите кои стигнаа на твојата адреса од други клубови. Што беше пресудно да останеш во Скопје?

„За мене најважно беше Вардар да продолжи на истото ниво како претходно, се молев амбициите да бидат исти. Од моментот кога почнав да добивам бројни понуди, за мене Вардар беше прва опција.

На првиот состанок, од Михајловски го слушнавме она што го сакавме. По оваа средба имавме состанок само ние играчите.

Искрено не беше тешко да се договориме, немаше никакви пречки, веднаш одлучив да останам во Скопје. Тука живеам веќе години и за мене овој град, ова место е најидеална дестинација“.

🤾 Во новата сезона тимот ќе добие нов лик, ќе има нови засилувања? Ќе има промени и во форматот на Лигата на шампионите, твое мислење.

„Следната сезона ќе бидеме сведоци на убав ракомет, во Скопје ќе дојдат силни тимови, нема да има лесни натпревари, сигурен сум дека салата ќе биде „фул“, впрочем како и секогаш. Ми се допаѓаат и новите термини и сатници, промените се добредојдени, тие носат поголем квалитет.

Што се однесува до тимот, најважно е да се направи баланс. На новите играчи кои ќе дојдат треба да им помогнеме, да ги поддржиме, да им го пренесеме нашето искуство, а тие пак ќе имаат задача да ни вратат со нова енергија, крв и амбиции. Сето ова е неопходно за создавање на тимската хемија, очекувам сите да функционираме како едно“.

🤾‍♂️Дали те плаши силната конкуренција во ЛШ поради промените во составот?

„Нема зошто да се плашиме, мислам дека ќе биде поинтересно, противниците нема да знаат што да очекуваат од нас.  Токму овој предизвик го зголемува адреналинот. Јас би рекол дека промените во составот доаѓаат во вистинско време, овој процес е неопходен, а во време на „хаос“ се развива квалитетот. Токму свежата крв за која зборевме ќе биде енгима за сите, па и за фановите. Верувам дека и во новата сезона салата ќе биде исполнета до последно место, едвај чекам да се вратам на терен“.

🤾 Кој играч најмногу ќе ти фали од оние кои заминааа?

„Со сите имавме добри односи…Карачиќ, Циндриќ, Македа, Мислосвљев, Абутовиќ… неблагодарно е да ги набројувам, ние бевме големо семејство, тешко е да се издвои било кого, секоја година заминуваше по некој ракометар. Би сакал еден ден сите да се вратат. Постојано сме во контакт, и сме во одлични односи“.

🤾‍♂️ За некој ден ќе биде една година од освојувањето на титулата, како изгледа сето ова од денешен аспект, верувавте ли дека ќе успеете по вторпат да се искачите на тронот?

„Ако гледаме од аспект на завршната фаза, веќе кога дојдовме таму, знаевме дека можеме да ја освоиме титулата, но ако гледаме од почетокот или средната на сезоната, не претпоставуваме дека ќе биде така.

Кога дојдовме во Келн горевме од желба да покажеме дека можеме да ја освоиме титулата, на овие завршници нема чекор назад, одиш само напред. Бевме подготвени да се бориме за секоја топка. Кога ќе го вратам филмот, знам дека освен ние и нашите фанови, никој друг во Европа не веруваше дека можеме да ја освоиме втората титула. За Вардар не постои невозможно.

Јас би рекол пази што ќе посакаш“.

🤾 ЕХФ не само на Вардар, туку и на други екипи не им даде шанса со борба на теренот да се изборат за место меѓу четирите најдобри екипи. Како гледаше на оваа одлука?

„Имам едно прашање, дали доколку Барселона, Кил, Веспрем и ПСЖ не се најдоа на првите две места во групите, дали ЕХФ ќе донесеше ваква одлука?

Искрено мене ми е криво за Пик Сегед, Фленсбург и Келце, играат одличен ракомет, а не добија шанса да се борат. Да не бидам погрешно сфатен, не го земам во предвид Вардар оти сум член на овој тим, па не сакам да мислат дека сум пристрасен.

Има начини како да се заврши првенството, ја следам НХЛ-лигата, сакам хокеј. Тие ќе играат плеј-ф, најдоа начин како да ја завршат сезоната, истото се однесува и за НБА-лигата, и таму сезоната ќе продолжи“.