Перо Костовски, еден од нашите најдобри кондициски тренери, од денеска и официјално е во таборот на Академија Пандев. Тој пред неколку дена направи трансфер од Македонија ЃП во редовите на “пандевци“, одработи и неколку тренинзи со новиот тим, но денеска неговото доаѓање е официјализирано.

Со ова “лавовите“ и тоа како се ослабени, а “пандевци“ засилени. Веројатно зборот на стратегот Александар Таневски беше пресуден Костовски да дојде во Струмица со оглед на тоа дека подолго време тие имаа извонредна соработка во стручниот штаб на Македонија ЃП во минатото. Инаку интересно е тоа што за време на последното финалето во Купот на Македонија, меѓу Македонија ЃП и Академија Пандев, Костовски и тогашниот стратег на “пандевци“ Југослав Тренчовски, имаа во неколку наврати вербални дуели, но сега “секирите се закопани“ меѓу  Костовски и сега директорот Тренчовски.

Академија Пандев отсекогаш инсистирала да има добар кондициски тренер во својот стручен штаб. Пред извесен период екипата ја “спремаше“ Иван Јовановски – Карас, а сега тоа ќе го прави Перо Костовски, кој пред да работи во Македонија ЃП извесно време беше и во Пелистер, кога битолчани пред три години го освоија Купот на Македонија славејќи на пенали над Шкендија.