Металург е во центарот на вниманието во ракометна Европа. Само два дена откако не успеа да се договори со македонскиот репрезентативец, Гоце Георгиевски, во тимот од „Автокоманда“ потпиша Златко Хорват. Искусното крило одлучи дека е време за промена, а позитивните работи кои се случуваат во Металург беа доволни да стави потпис на едногодишна соработа.

Хорват ги пренесе и првите импресии, вели дека не е лесно да се напушти Загреб. Среќен е што доаѓа во Металург, негова цел е тимот да се врати на старите патеки.

„Не беше лесно да се напушти Загреб после толку години, каде што доживеат многу убави работи и тој клуб секогаш ќе биде во моето срце. Но, почувствував дека е момент за промена и мило ми е што доаѓам во Скопје, во ракометна средина која е препознатлива во Европа.
Доаѓам со намера заедно со моите нови соиграчи да ги оствариме зацртаните цели и да го вратиме Металург каде што му е местото. Јас секогаш се стремам за највисок пласман, така ќе биде и овој пат.
Верувам дека нашите навивачи ќе уживаат во добрите парти. Видов дека се создава квалитетен тим каков што некогаш имаше во Металург и тоа ме радува.

Исто така се радувам што ќе работам со искусен и одличен тренер каков што е Зоран Кастратовиќ, за кого секогаш имав најдобро мислење, а и слушнав многу добри работи од играчи со кои работел.
Целокупниот прв впечаток е сјаен, верувам дека одлуката е на место и би им се заблагдарил на моите менаџери Саша Братиќ и Милош Павичевиќ на одработената задача. Сигурен сум дека во сезоната што следи ќе се игра одличен ракомет во Македонија и секако во „Автокоманда“ која има посебен ракометен шарм“, изјави Златко Хорват.