Па добро бе до кога мисли овој Боби Божиновски, капитенот на Македонија ЃП да игра фудбал, се прашуваат многумина. Во февруари идната година ќе полни 40 години, а Боби буквално нема намера да престане. Тој и натаму важи за еден од најдобрите играчи за врска во ПМФЛ, за еден од најдобрите стрелци, за еден од најдобрите асистенти

Еве СПОРТМЕДИА јавно го прашува ветеранот до кога мисли да игра фудбал.

“Ха, ха… ако ме прашувате за пензија, рано ми е. Иако има 39 години, јас имам намера и во следната сезона, значи и со 40 години да играм квалитетен фудбал. Се уште можам, сакам, а и гледам дека не заостанувам во ништо од оние кои се помлади од мене на зелените терени во Првата лига на Македонија. Знам дека звучи неверојатно, знам дека навистина чудно ме гледаат кога ќе истрчам на теренот, но бројките се со мене. И оваа сезона, која беше прекината поради короавирусот, сум меѓу најдобрите стрелци во ПМФЛ, меѓу најдобрите асистенти, и кога е веќе така не гледам причина да престанам со тоа што најмногу го сакам, а тоа е да играм фудбал. Искрено нема гајле, а така ќе биде се додека не видам, не осетам дека не можам никако со помладите, е дури тогаш ќе кажам –Боби доста е“ изјави за СПОРТМЕДИА Боби Божиновски, капитенот на “лавовите“ кој и во следната сезона ќе биде најголемиот адут на клубот од Ѓорче.

Кога сме кај Боби, да споменеме дека тој е роден во далечната 1981 година, а досега има играно професионално фудбал во Вардар, Цементарница, Ветра (Литванија), Судува (Литванија), Работнички, Локо Астана и Астана (Казахстан), Тетекс, Пелистер и сега е во Македонија ЃП.