Селекторот Игор Ангеловски во изјава за „Спортмедиа“, истакна дека овој нов термин за одигрување на баражот со Косово, е најдоброто можно решение во овој момент, со оглед на пандемијата.

„Мислам дека УЕФА донесе најдобро можно решение во овие услови. Секако дека најдобро ќе беше во март, но да не се навраќаме назад. Сега имаме трета среќа, и се надевам дека тие проблеми до тогаш ќе се надминат. Репрезентациите треба да бидат задоволни. Добро е исто така што имаме два натпревари во септември од новата Лига на нации, а потоа доаѓа оној историски натпревар со Косово. Нема да биде веднаш после долга пауза да играме, туку имаме два меча на кои ќе исконтролираме, нормално и резултатски да профитираме, но приоритет ни е дуелот со Косово“, рече Ангеловски.

Селекторот се надева дека овој меч ќе се игра со публика.

„Не би можеле да разговараме во овој момент за публика. Тоа зависи од земјата, ете гледаме во Србија се игра фудбал со гледачи, а исто и во Хрватска. Јас лично сакам да биде полн стадионот, затоа што секогаш поддршката од нашите навивачи е добродојдена и ќе ни биде дополнителен мотив“, вели Ангеловски.