🖊️ Подготви: Марија Ковачева


⚠️ Имињата на противниците не треба да не оптеретуваат, секогаш зависиме од самите нас. Треба да поставиме повисоки цели, тоа е клучот, а пласманите на првенствата треба да бидат рутина.

⚠️ Треба јавно да се пофалат претседателите на нашите најдобри клубови кои во време на „Ковид-19“ наоѓаат начин да инвестираат во ракометот, а со тоа придонесуваат за нашиот спорт број 1.

⚠️ Работиме за доброто на македонскиот ракомет. Имаме јасни – реални цели и стратегија. Оваа година инвестираме и во стручен кадар, многу важен сегмент за клубот и за самите играчи.


Ракометна Македонија засега може да биде мирна. Нашата гордост, лидер и капитен, Кирил Лазаров има уште што да каже кога станува збор за настапот во националниот дрес. Македонската гол-машина ќе ги предводи „црвено-жолтите“ и во квалификациите за пласман на ЕП 2022 година, потврди за СПОРТМЕДИА.

Кире на кратко зборува за времето минато надвор од терените, актуелната тема, противниците за континенталното натпреварување, како и за актуелните случувања во македонскиот ракомет.

🤾 Колку е тешко да се одржи формата надвор од терените, без вистински тренинзи и мечеви?

„Веќе четвртти месец сме без квалитетен ракометен тренинг. Пробувам да ја одржам формата, превентивно колку што дозволуваат условите. Последици секако ќе има и ќе биде потребно повеќе време да се вратиме во ракометна форма“.

🤾 По завршувањето на ЕП во Австрија многупати можеме да прочитаме текстови кои најавуваат повлекување на Кире од репрезентативниот дрес. Како е твојот план, дали има вистина нешто од ова?

„Ќе бидам на располагање на македонската репрезентација до завршувањето на мојата играчка кариера“.

🤾 Македонија ги доби противниците за место на ЕП. Играме против Данска, Финска и Швајцарија, група која навидум изгледа актрактивно и лесно минилива, но сепак не треба да ја потцениме. Каде ја гледаш нашата шанса?

„Обврска на сите нас е да го дадеме максимумот за да Македонија се пласира на Европското првенство. Имињата на противниците не треба да не оптеретуваат, секогаш зависиме од самите нас. Треба да го подигнеме квалитетот на игра на повисоко ниво во сите делови на ракометната игра. Добивање улога на секој поединец во тимот и носење на одговорност е многу важно. Треба да поставиме повисоки цели, тоа е клучот, а пласманите на првенствата треба да бидат рутина“.

 

🤾 Македонскиот ракомет се разбуди во време на корона. Вардар, Еурофарм и Металург се доста активни, истото се однесува за другите тимови. Како гледаш на ова?

„Треба јавно да се пофалат претседателите на нашите најдобри клубови кои во време на „Ковид-19“ наоѓаат начин да инвестираат во ракометот, а со тоа придонесуваат за нашиот спорт број 1, уште долго време ќе биде на првото место. Исто така мислам дека со потегот на раководните луѓе од федерацијата на новиот систем на функционирање следната година ќе имаме и многу квалитетно домашно првенство, кое пак во голем дел ќе придонесе да имаме и квалитетен национален тим во иднина“.

🤾 РК Голден Арт најавува убав проект, потврда за ова е доаѓањето на Билјана Црвенковска и Димитар Маневски. Која е визијата?

„Работиме за доброто на македонскиот ракомет. Имаме јасни – реални цели и стратегија. Ќе се базираме на работа и квалитетен тренажен процес, тоа е основата за да нашите играчи имаат напредок. Оваа година инвестираме и во стручен кадар, многу важен сегмент за клубот и за самите играчи. Отворени сме за соработка со сите клубови во Македонија за доброто на нашиот спорт. Засега сум задоволен од тоа како напредуваме“.