Од оние четири екипи кои ќе ја претставуваат Македонија ова лето во фудбалска Европа, покрај Шкендија, сигурно е дека ќе играат уште Силекс и Ренова. Кратовци можеби и во ЛШ, во најмала рака во квалификациите во ЛЕ, додека Ренова пак ќе игра во ЛЕ.

И двете овие екипи ќе бидат во групата на неносители со оглед на рејтингот, но според тренерите на Силекс и Ренова, Горан Симов и Бујар Ислами, фактот дека ќе се играат по еден место два меча, тоа и не е така лошо, напротив.

Посебно ако се знае дека домаќинот ќе се одредува со ждрепка.

„Без разлика дали ќе играме во квалификациите во ЛШ или ЛЕ, јас сметам дека како прво треба да се има среќа во ждрепката. Факт е дека Силекс ќе биде аутсајдер во било кое коло со оглед на нашиот ранкинг. Лично сметам дека ова е добро за Силекс. Видете, може да елиминираш екипа подобра од тебе во 90 минути, но во два меча со реванш потешко“ вели Горан Симов, стратегот на Силекс.

Инаку квалификациите во ЛШ ќе започнат на 18-19 август, второто коло се игра на 25-26 август, третото на 15-16 септември а плеј – офот на 22-23 и 29-30 септември. Тука во плеј – офот ќе има реванш.

Додека квалификациите во ЛЕ стартуваат на 27 август, второто коло е закажано на 17 септември, третото на 24 истиот месец а плеј – офот, во кој се игра само еден меч на 1 октомври.

Свој коментар на оваа тема и шефот на струката на Ренова Бујар Ислами.

„Реално има време до 27 август добро да се подготвиме. Исто така треба да се биде реален и да се каже дека ваквиот формат им погодува на екипи како Ренова, која во квалификациите во Лигата на Европа ќе влезе како аутсајдер. И јас сметам дека не е лошо ова за нас, за нашите екипи кои ќе бидат во групата на неносители. Со малку среќа ако добиеме ривал по мерка и посебно ако се играат дома тие 90 минути, се е можно. Но ајде да сочекаме, има време до тогаш, има уште повеќе од два месеци“ вели Ислами.