Она што кружеше како информација изминативе денови денеска доби и официјална потврда. Четвртфиналните дуели, полуфиналните дуели и финалето ќе се играат во Лисабон меѓу 12 и 23 август. Тие дуели ќе се играат како еден меч во турнир Фајнал 8.

Реванш мечевите од осминафиналето на ЛШ ќе бидат одиграни на 7 и 8 август, по што ќе бидат пополнети четвртфиналните парови.

Финалните борби во Лига Европа ќе се играат во германските градови Дуизбург, Гелзенкирхен, Дизелдорф и Келн.

Мечевите ќе се играат од 10 до 21 август, а финалната битка за титулата ќе биде во Келн. И на овој турнир „Ф8“ ќе се игра по еден меч во четвртфинале, полуфинале и финале.

Интер и Гетафе односно Севиља и Рома кои не ги одиграа првите натпревари од осминафиналето пред пандемијата, ќе играат по еден меч во Германија (дополнително ќе биде одлучено местото) и победниците ќе влезат во Топ 8. Другите реванш дуели ќе се одиграат според планот исто така во Германија.

Суперкупот на Европа оваа година ќе се игра на 24 септември во Будимпешта.