Тимот на Динамо Москва не отпатува за Краснодар за мечот од 23. коло во руската Премиер лига. Дуелот е закажан за утре, а денеска експедицијата на Динамо требаше да лета за Краснодар, но го откажаа летот.

Причината е појава на заболени фудбалери со коронавирус. Позитивни на тестовите за КОВИД-19 се Клинтон Нжи, Шарл Каборе и Себастијан Шумански. А антитела се најдени кај двајца фудбалери од кој едниот е Роман Евгениев што значи дека тие биле заболени од вирусот и се излекувале.

Според „Спорт-експрес“ челниците на Динамо преговараат со Краснодар и со раководството на Премиер лигата за одложување на дуелот. Но најновите информации се дека РФС одбил мечот да биде одложен, па Динамо ќе отпатува во Краснодар утре изутрина со младинска екипа.

Да потсетиме дека Ростов пријави шест заболени фудбалери со коронавирус, па целиот тим замина во самоизолација, а бидејќи од РФС не добија дозвола за одложување на мечот со Сочи, отпатува со младинскиот тим. И загубија со 10:1.