✍️ Подготви: Марија Ковачева


🗨️ Знаев дека ќе дојде овој ден, но пресуди предвремениот прекин на првенството поради коронавирусот и долгата пауза. Сепак, се работи за колективен спорт, се изгуби тој континуитет на тренирање. ‼️

🗨️ Амбициите ќе бидат опстанок, исто така приоритет ќе ни бидат младинските лиги во кој ќе се натпреваруваме. ‼️

🗨️ Во Oдорхеи минав осум сезони, најубавите години во мојата кариера. Во Одорхеи ракометот беше најпопуларен спорт, градот живеше за ракомет. ‼️


По 21 професионални години, Горан Кузманоски одлучи да стави крај на играчката кариера и да „заплови“ во тренерските води. 37-годишниот ракометар ќе дебитира во својот роден град, местото каде што почна да ја пишува својата спортска приказна.

Го носеше дресовите на Тутунски Комбинат, Вардар Ватростална, Металург, Мадеира (Шпанија), Одорхеи (Романија) и Е. Работник, настапуваше за македонската репрезентација.

Кузманоски во интервју за СПОРТМЕДИА за плановите со РК Прилеп, годините минати во Романија, дел од понудите кои стигнале на неговата адреса, како и за очекувањата за новата сезона.

🤾‍♂️ По 21 професионални години одлучи да ставиш крај на играчката кариера и да продолжиш како тренер. Што беше пресудно и колку беше тешко да направиш ваков чекор?

„Мислам дека една од најтешките одлуки за еден професионален спортист е токму е оваа, да се одлучиш на ваков радикален чекор и да ставиш крај на една кариера која започнала пред 21 година.

Знаев дека ќе дојде овој ден, но пресуди предвремениот прекин на првенството поради коронавирусот и долгата пауза. Сепак, се работи за колективен спорт, се изгуби тој континуитет на тренирање. Пред тоа исто така имав долга пауза од 10 месеци, па току затоа одлучив дека е време за нов почеток“.

🤾‍♂️ Доста интересно е што новото ракометно поглавје го почнуваш РК Прилеп, тимот каде почна твојата играчата кариера. Кои се плановите и амбициите за новата сезона?

„Во Прилеп ги поминав сите школи како играч и тука ја почнав мојата професионална кариера. Во 2002 година го освоивме и Купот на Македонија, што пак беше најголем успех за тогашниот Тутунски Комбинат.

Излезе дека и тука ќе ја започнам тренерската кариера. Во неколкуте разговори со Александар Мариновски и со влегувањето на РК Прилеп во Супер-лигата без двоумење го прифатив новиот предизвик. Амбициите ќе бидат опстанок, исто така приоритет ќе ни бидат младинските лиги во кој ќе се натпреваруваме“.

🤾‍♂️ РК Прилеп потпиша двајца грузијски ракометари, продолжи соработка со неколку млади. Што можеме да очекуваме во следниот период?

„Потпишаа грузијскиот репрезентативец Цинцадѕе и Грузиецот со македонски пасош Резо Чантурија, ги продолживме договорите со играчите од предходната сезона. Во план се уште 4-5 играчи. Ќе го подигниме и нивото на младинските школи, коо  исто така ќе имаат натпреварувачки карактер. Оваа година имаме обезбедено буџет, се надеваме дека полека ќе го вратиме ракометот во Прилеп“

🤾‍♂️ Сигурно поголем дел од времето го минуваш во Прилеп, како ракометните фанатици го прифатија твоето доаѓање, и настапот на тимот во Супер-лигата? Дали се враќа еуфоријата за овој спорт?

„Да, овој период голем дел од времето сум во Прилеп, сакам да ги запознаам играчите, разговараме со тренерите кои се во младинските школи, правиме план. Чекаме да се подобри ситуацијата со вирусот за да почнеме со подготовките. Паузата е преголема и затоа сите играчи имаат програма за тренинзи. Се надевам дека оваа година ќе ја вратиме и публиката која беше присутна на ракометниот терен. На Прилеп му треба спорт, сега оваа сезона ќе имаме можност да се вратат навивачите“.

🤾‍♂️ Во твојата кариера најмногу се задржа во Романија, седум години го носеше дресот на Одорхеи. Од она што можевме да видиме е дека градот дишеше за ракометот…

„Во Oдорхеи минав осум сезони, најубавите години во мојата кариера. Во Одорхеи ракометот беше најпопуларен спорт, градот живеше за ракомет. Бев капитен, а во последните три години имав можност да бидам и помошник тренер. Работев и со младите категории, кога имав време.

Во 2015 година го освоивме и Челенџ Купот, што беше најоглем успех за овај клуб. Одорхеи ќе остане како еден од најубавите искуства во мојата кариера, морам да кажам дека Одорхеи е единствениот странски клуб во кој играле најмногу македонски играчи. Сите оставивме добар белег“.

🤾‍♂️ Дали жалиш за некоја пропуштена понуда? Дали си задоволен од годините минати како ракометар?

„Не го знам точниот одговор на вашето прашањето, дали навистина жалам… На 19 години имав понуда да потпишам четиригодишен  договор со Копер од Словенија. Во тоа време Копер важеше за една од подобрите екипи. Не сакам да се навраќам зошто не заминав таму, но знам дека причината не бев лично јас, зависеше од други. Во 2006 година исто имав договор за Бундес-лига, не потпишав, останав во Шпанија. Доколку мојата кариера имаше друг правец и играв во други клубови, не знам како ќе се одвиваше сето тоа.

Да не бидам себичен, јас сум задоволен, играв во различни земји и имав можност да учам од различни тренери со различни системи. На крајот излезе успешно“.

🤾‍♂️ Според најавите се чини не чека интересна сезона, клубовите интезвино се засилуваат, голем дел успеаја да ги вратат играчите кои играа надвор. Кое е твоето размислување?

„Сезоната која доаѓа ќе биде најинтересна. Пред се затоа што ќе бидеме поделени во две групи, ќе има повеќе натпревари и шест екипи ќе испаѓаат. Се разбудија и се вратија и другите градови, затоа има голем интерес за играчи. Ќе биде добро за лигата и секако за напредокот на македонските играчи“.

🤾‍♂️ На почетокот на пандемијата на коронавирус, успеа да покренеш иницијатива за помош социјално загрозените семејства, како и дел од клиниките кои имаат потреба од тоа. Како спортистите ја прифатија оваа идеја?

„Тоа беше една идеја која ја покренавме неколку спортисти и успешно ја реализиравме. Помогнавме во неколку болници собравме и средства за социјално загрозените семејства каде и поделивме пакети со храна. Јас мислам дека треба да ни бидат во пракса вакви хуманитарни акции“.