Досега фудбалска Македонија во својата историја учествувала само еднаш на големо натпреварување. И тоа на ЕВРО 2017 за селекции до 21 година, кога нашите херои предводени од селекторот Благоја Милевски се најдоа во пресилната група со Шпанија, Србија и Португалија.

Откако на дебито на 17 јуни високо бевме поразени од Шпанија, на денешен ден пред три години, Македонија го освои првиот бод на едно големо натпреварување. И тоа со Србија кога одигравме 2:2 во Бидгошч. Со головите на Барди и Ѓоргев водевме со 2:1 се до 90.минута кога Србите успеаја да израмнат и да се спасат буквално во последните секунди.

Потоа во последниот натпревар загубивме од Португалија. На денешен ден пред три години Милевски им даде шанса на Алексовски, Зајков, Барди, Николов, Радески, Бабунски, Аврамовски, Велкоски, Маркоски, Демири и Мурати. На клупата беа Шишковски, Илиќ, Елмас, Попзлатанов, Муслиу, Амановиќ, Бејтулаи, Петковски, Ангелов, Костадинов, Ѓоргев, Пивковски.

ЕЛМАС СО КУПОТ НА ИТАЛИЈА, ЃОРГЕВ СИНОЌА СО ДВА ГОЛА

Па добро каде се денеска сите тие наши ХЕРОИ? Ајде да тргнеме по ред. Алексовски во Шкупи и по вторпат потешко се повреди, Зајков веќе долго време е во Белгија, Барди е ѕвезда во Ла Лига и во Леванте и попладнево игра со Еспањол, Николов и Муслиу заедно играат во МОЛ Фехервар и се едни од најдобрите во унгарскиот клуб, а и тие имаат денеска натпревар. Радески по пет години ја напушти Шкендија и е во потрага по трансфер, Бабунски денеска ќе го има своето деби за Ботошани, Аврамовски е “прва пушка“ во Вардар и во ПМФЛ, Велкоски во Ријека одново е повреден, Маркоски пак е во Чешката Карвина. Во моментов Демири е без клуб, а Мурати не мрда од Шкендија. Голманот Шишковски веројатно сега е на Кипар каде чека промоција во Докса, третиот голман Илиќ е во Вардар и чека шанса покрај Гачевски, додека Елиф Елмас во Италија со Наполи освојува пехари, се радува на трофејот во Купот на Италија. Во Вардар е и Попзлатанов, и тој е во очекување дали ќе слави титула или не. Амановиќ е стандарден во Тобол во Казахстан, додека Бејтулаи го чека потписот со Шкендија откако се врати од Шведска. На Петковски му заврши договорот со Работнички, веројатно ќе остане во Градски парк, додека Ангелов го чека стартот на новата сезона во БиХ како член на Широки. Костадинов како фудбалер на Ружомберок, а Пивковски е во Шведска.

Никола Ѓоргев пред три години и даде супер гол на Србија, а синоќа со двата гола за Грасхоперс како да сакаше да потсети на јубилејот.

Да не заборавиме на селекторот Благоја Милевски, тој се уште е во У-21, и е во потрага по некои нови Елмаси, Николови… некои клинци за некоја нова историја.