Измина точно една недела од официјалниот почеток на летниот преоден рок, кој ќе трае до 31 август.

Факт е дека со оглед на кризата со Ковид-19, буџетите се намалени или допрва ќе се намалуваат, па затоа не се очекува којзнае како спектакуларни трансфери за кои ќе се плаќаат по 150.000 евра како пред пет години што платија Вардар и Шкендија за Велковски и Радески. Сепак се очекува да биде супер интересно за наши услови.

Од тој агол почетокот и не е така лош. Шкендија го промовираше репрезентативецот Егзон Бејтулаи, Работнички пак Муарем Муарем, Беласица го доведе Робсон да Силва, Силекс се засили со Пепи Ѓоргиев а Пелистер се пофали со Ѓорѓи Танушев, Давор Талески и Дарко Илиески. Има и други, но ова се некако најзвучните.

Секако дека допрва следува вистинското. Шкендија најавува барем уште 2-3 квалитетни имиња, треба да ги продолжи договорите и со Ибраими и Алими.

Најинтересно ќе биде во Вардар. Како таму ќе се развива ситуација. Неофицијално голем број клубови чекаат да видат дали Вардар ќе го биде или не, па од таму да “зграпчат“ нешто. Работнички прво ќе се обиде да го задржи “костурот“, а потоа секако дека ќе тргне по квалитетни засилувања. На Чаир е некако мирно, во Ѓорче половина од тимот е на пат без враќање, а во Беласица се надеваат дека некои од тие “лавови“ ќе дојдат во Струмица, како Робсон на пример.

Силекс го доведе Пепи Ѓоргиев и веројатно нема да притиска  многу за нешто друго. Од Ренова си замина Миовски, а “гипсарите“ по стариот добар обичај нешто подоцна ќе тргнат во офанзива. Борец во рамките на своите можности си се засилува, велешани тоа плански го работат, а Струга Трим Лум најавува дека има намера одново да поседува квалитет во себе.

И на крај Академија Пандев, која за разлика од минатата сезона кога по имиња имаше играчки кадар достоен на Шкендија и Вардар, сега оди кон драстично подмладување на тимот.

Значи допрва следува она вистинското во летниот преоден рок.