Како стојат работите во моментов, тимот на Приморска нема така лесно да се откаже од учевството од АБА 1 лигата. Напротив, со сите сили ќе се обиде да ја затвори финансиската конструкција која е потребна за учевство и ќе се натпреварува следната сезона.
Ова е секако поразувачка вест за тимот на МЗТ кој будно следи што се случува и чека разрешница на ситуацијата, но според последната изјава на првиот човек на Приморска, Горан Јагодник, клубот од Словенија сепак ќе игра следната година во најсилното регионално натпреварување.

„Шпекулациите се едно, а реалноста сосема друго. Ништо значајно не се променило во однос на претходниот пат кога зборувавме на оваа тема, единствено тоа што сме поблиску до остварувањето на планот кој го имаме, а тоа е затворање на финансискаѕта конструкција, формирање на ростерот за идната сезона и, се разбира, учеството во АБА лигата.

Собранието на АБА е закажано за крајот на месецот, но јас не гледам како би можела Приморска да биде една од темите на разговор. Ние во ниеден момент не сме кажале дека не можеме или не сакаме да бидеме дел од елитната дивизија во која минатата сезона бевме најпријатно изненадување. Верувам дека многу брзо ќе ја соопштиме радосната вест за љубителите на кошарката во Словенија и навивачите на Приморска. Повторувам уште еднаш, сигурен сум дека најдобрите екипи од регионот и идната сезона ќе доаѓаат во Копер“, изјави Јагодник за официјалниот сајт на телевизијата Спортклуб.