Како што дознава СПОРТМЕДИА, има шанси Бесир Демири одново да го носи “црвено – црниот“ дрес на Шкендија. Откако тешко дека тетовци ќе го наговорат Гледи Мици на нов договор, а Леовигалдо Жуниор од Вардар има и други понуди, и тоа од Швајцарија, барем според нашите информации, Шкендија се врти кон Бесир Демири. Тоа е тој Бесир Демири кој во зимата 2017 година, и не по негова вина, си замина од Шкендија и тоа во Вардар, тоа е тој Демири кој беше член на златната генерација на нашата У-21 репрезентација и играше на ЕВРО 2017 во Полска, а подоцна зема албански пасош и игра за А селекцијата на нашиот западен сосед.

Оваа варијанта со Демири е одлична за тетовци, не само што ќе добијат одличен играч кој може да игра на левата бековска позиција, тој може да одговори на задачата и во средниот ред. Добро е тоа што Бесир е слободен играч, тој “раскина“ со Жилина, и иако има понуди од Украина, каде играше за екипата на Мариупол, сепак Шкендија е Шкендија. Тука нема дилеми. Да се потсетиме дека кога играше за Шкупи, Шкендија или Вардар, Демири важеше за најдобар или еден од најдобрите леви бекови во ПМФЛ.

Инаку Демири моментално тренира на Чаир, заедно со играчите на својот матичен клуб Шкупи.

Овој интерес за Демири и дефитивно покажува дека Шкендија има намера одново да си го поврати престолот во мак-фудбалот. Го врати Бејтулаи, со Бесарт Ибраими е се договорено, следува договорот со Алими, тука се Агим Ибраими, Тотре, Нафиу, Мурати, Захов… значи Шкендија и во новата сезона ќе има моќен, моќен тим.