Тиквеш во изминатите неколку денови се засили со две квалитетни прволигашки имиња. Имено кавадаречкиот второлигаш ги ангажира голманот Столе  Димовски од Македонија ЃП и Симеон Христов, кој во последните неколку месеци беше член на Влазнија од Албанија.

Раде Цицмиловиќ, стратегот на Тиквеш вели дека е задоволен од фактот што управата ги исполнила неговите желби, но најавува дека ќе има уште квалитетни засилувања во кавадаречкиот клуб.

“Да, апсолутно сум задоволен од тоа што Димовски и Христов го засилија Тиквеш. Донесовме квалитет, она што го барав, тоа и дојде во нашиот клуб. Сепак тука немаме намера да застанеме, во преговори сме со уште тројца фудбалери, се надевам и очекувам барем двајца од нив да ни се придружат, и со тоа да го затвориме ростерот што се вели“ истакнува Цицмиловиќ за СПОРТМЕДИА.

НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ШТО ПРАВАТ ДРУГИТЕ КЛУБОВИ…

Дали ова значи дека Тиквеш, како и минатата сезона, и во оваа ќе биде со највисоки амбиции во Втората лига – исток, дали и во оваа сезона одново Брегалница ќе биде најголемиот конкурент?

„Респект за секој секого, но искрено не ме интересира што прават другите клубови. И јас, а и сите во клубот, сме сконцентрирани на тоа што можеме ние да сториме да дојдеме до што посилен Тиквеш. Силен Тиквеш кој ќе се бори конечно да ги оствари амбициите на сите љубители на фудбалот, а тоа е влез во Првата лига, таму каде што и му е местото. Нашите амбиции се јасни, ветуваме само жестока битка, ќе видиме дали ќе успееме и да ги оствариме. Искрено, јас сум оптимист, верувам во тоа што го работиме“ заврши шефот на струката на Тиквеш.