Нашата најдобра фудбалска репрезентација последниот натпревар го одигра на 19 ноември минатата година, и тоа дома, и тоа против Израел со 1:0. За момците на селекторот Игор Ангеловски тоа беше меч од квалификациите за ЕВРО 2020. Познато е дека светската криза со пандемијата Ковид-19, ја натера УЕФА да ги одложи бараж средбите од Лигата на Нации за пласман на ЕВРО. Се беше одложено и “префлено“ за наесен.

А тогаш Мрме, Пандев, Барди, Елмас, Николов… и останатите, ги очекува неверојатно збиена агенда. Имено за 74 дена “А“ селекцијата на Македонија ќе одигра неверојатни 7 или 8 официјални натпревари, или во просек секој десетти ден ќе имаат натпревар.

Ова не се случило никогаш, навистина треба да се издржи. Секако дека фокусот е ставен на дуелот со Косово на 8 октомври, а потоа и на финалето од плеј-офот (ќе играме само ако славиме со Косово) кој ќе се игра на теренот на Грузија или Белорусија на 12 ноември, но треба да се играат и мечевите од новото издание на Лигата на Нации. Да се потсетиме дека сега сме во сегментот Ц, во втората груа. Најмногу ќе се трошат силите во октомври, кога ќе играме три меча, и тоа во рок од една седмица, од 8-ми до 14-ти октомври. Се надеваме дека и во ноември ќе играме три меча.

Еве го збиениот распоред на нашата репрезентација по датуми за месеците септември, октомври и ноември:

05.09: Македонија – Ерменија (Лига Нации)

08.09: Грузија – Македонија (Лига Нации)

08.10: Македонија – Косово (плеј – оф)

11.10: Естонија – Македонија (Лига Нации)

14.10: Македонија – Грузија (Лига Нации)

12.11: Белорусија или Грузија – Македонија (финале плеј – оф)???

15.11: Македонија – Естонија (Лига Нации)

18.11: Ерменија – Македонија (Лига Нации)