Состанок со новиот инвеститор на ФК Вардар. Ова стои во пораката до фудбалерите на ФК Вардар за состанокот кој е закажан за во четврток во просториите на клубот.
СПОРТМЕДИА дознава дека бугарскиот претставник на странскиот конзорциум од утре е во Скопје на финални преговори за преземање на нашиот најголем фудбалски бренд.
„Благо Георгиев најави дека утре доаѓа. Ќе има состанок со играчите во четврток. За другите детали ќе бидете информирани подетално во текот на наредните денови“, ни изјави Славчо Георгиевски – Тупан, човекот кој е претставник на Георгиев во Македонија.
Во меѓувреме Вардар остана без лиценца и нема втора сезона по ред да ја претставува Македонија во натпреварувањата на УЕФА.
Беспарицата е главната причина поради која Сергеј Самсоненко го отстапува клубот на нови потенцијални инвеститори.
Како што претходно најавивме странската корпорација чиј застапник е екс бугарскиот репрезентативец ќе треба да исплати 2,9 милиони евра за преземањето на клубот. Застојот е направен поради тоа што се правеа ревизии и вредност на имотот (базите, просториите…) на клубот, а во таа пауза дел од најталентираните играчи преку ФФМ си земаа чисти документи од клубот.
Според она што го дознаваме по состанокот во четврток играчите и стручниот штаб треба да ги добијат информациите за иднината на клубот а потоа следат преговори и планови за старт на подготовките и правење на тим за новата сезона која стартува на 9 август.