Нема повеќе дилеми, Давид Тошевски заминува во Ростов. Она што подолг период се шпекулира, конечно добива потврда од самиот фудбалер.

„Конечно можам да потврдам дека заминувам во Ростов. Доста беше шпекулации, нагаѓања, селидби во други клубови. Потпишувам договор, и заминувам во најкус можен рок за Русија. Ќе видиме како со оглед на ситуацијата ќе заминам таму, и кога точно но тоа е веќе техички дел. Договорот го потпишувам тука во Скопје, а заминувам наскоро“ – вели Тошевски за Спортмедиа, па додава.

„Што да кажам друго, освен дека ми се исполни сонот за голем трансфер. Секој млад играч сонува за вакво нешто. Голема благодарност до сите оние кои се заслужни за мојата преселба во Русија, голема благодарност и за сите оние кои имаат досега удел во мојата кариера. Благодарност до Работнички кој е мој матичен клуб, и кој ми ја даде таа шанса да се изградам како фудбалер. Сега е на мене да се покажам, докажам во фудбалска Европа дека вредам, дека сум доволно квалитетен за да го оправдам овој трансфер. Наскоро се надевам дека ќе почнам да давам голови и во Ростов, како што тоа го правев во Работнички и ќе ја оправдам довербата која овој сериозен клуб ми ја доверува“ – вели Тошевски ексклузивно за Спортмедиа.