Елиф Елмас нема да ја менува средината во следните неколку години. Македонскиот репрезентативец одлично се снајде во дресот на Наполи, а дека станува важен дел од овој тим, потврда стигна од спортскиот директор, Кристијано Џунтоли. Тој за италијанските медиуми потврди дека клубот работи на продолжување на договорите со неколку фудбалери, на оваа листа е токму Елмас, на кого му е понудена нова соработка, до 2025 година.

„Во овој момент клубот работи на продолжување на договорите со Елмас, Зиелински, Ди Лоренцо, Максимовиќ и Марио Руи. Очекуваме овие преговори да завршат брзо“, изјави Џунтоли.

Елмас и неговиот тим вчера ја совладаа Џенова на Горан Пандев со 2-1, репрезентативецот постигна гол, но истиот беше поништен од ВАР, откако претходно имало играње со рака.