Поранешниот одбојкарски репрезентативец Јовица Симовски, ќе биде кандидат за претседател на одбојкарската федерација на Македонија.

Тој истакна дека не може да разбере како ниту еден поранешен одбојкар нема никаква функција во федерацијата. Напомена дека целата програма ќе ја презентира утре на годишното собрание.

„Се кандидирам за претседател на Одбојкарската федерација на Македонија со една цел, а тоа е да се отворат вратите на федерацијата за сите што дале и што можат да дадат придонес за развој на одбојката. Во текот на моето работење ќе бидат вклучени сите што неуморно даваат придонес за развој на одбојката во нашата земја. Планирано е да се направат најразлични стручни комисии кои ќе имаат целосен пристап до сите информации и контрола на работењето на федерацијата.

Не можам да разберам како никој од нас, бившите одбојкари нема никаква функција во федерацијата!? Зарем не може никој од нас барем малку да помогне на било кој начин во федерацијата? Разговарав и со нашите тренери кои би сакал да ги вратам и да дадат придонес во обучувањето на младите тренери.

Целата програма ќе биде презентирана на утрешното собрание“, стои во писмото на Симовски.