Васко Мавров, еден од нашите најдобри судии, по се изгледа дека нема веќе да го гледаме на нашите прволигашки терени како ја дели фудбалската правда. Струмичанецот најавил дека се откажува, односно се повлекува од судењето и тоа од семејни причини, имено имал намера со семејството да замине во Германија на подолго време.

Оваа информација ни ја потврди и претседателот на судиската комисија на ФФМ Емил Божиновски, кој додаде дека и покрај тоа што Мавров најавил повлекување, засега тој нема да биде избришан од главната листа на судии. Со оглед на тоа дека границите поради корона кризата се затворени, Мавров се додека е во Македонија ќе биде делегиран за главен судија на нашите прволигашки натпревари, се разбира се додека биде на располагање на судиската комисија.

Се разбира дека со повлекувањето на Мавров, судиската организација ќе загуби квалитетен судија. Да потсетиме дека тој во минатиот шампионат судеше неколку тешки средби за судење што се вели, една од тие беше онаа на Чаир меѓу Шкупи и Вардар минатата есен кога вардарци победија со 2:1.