Металург го одложи стартот на подготовките за новата сезона, во која покрај домашните обврски, ќе настапува во Европа, во второто по ред клупско натпреварување.

Тимот од Автокоманда првиот собир требаше да го има на 20. овој месец, но со оглед дека РФМ ги нема добиено препораките од Комисијата за заразни болести за одржување на тренинзи и сите активности, стратегот Зоран Кастратовиќ и неговите момци ќе се соберат на 27. јули.

Планот за подготовките останува ист, Металург на 31. заминува за Маврово, од каде пак ќе се пресели во Струга и ќе биде дел од традиционалниот меѓународен турнир, на кој оваа година ќе има само македонски учесници.

Во агендата на „металурзите“ е уште еден турнир во Чехов, но дали ќе патуваат момците на Кастратовиќ ќе биде познато нешто подоцна, се ќе зависи од ситуацијата со коронавирус.

Што се однесува до странските ракометари тие во Скопје ќе пристигнат најдоцна до 25 овој месец.