Пред стартот на сезоната Европската ракометна федерација (ЕХФ) и екипите учеснички во европските купови се позагрижено гледаат на ситуацијата со коронавирусот и на проблемот со затворањето на аеродромите и границите.

Тоа може да биде сериозен проблем за нормалниот тек и на новата сезона во најсилното клупско ракометно натпреварување, Лигата на шампионите, каде и во новата сезона ќе настапи нашиот шампион Вардар.

Во јавноста деновиве се појавија информации дека Вардар и останатите екипи во ЛШ ќе мора да патуваат со чартери во текот на сезоната, но на оваа идеја веднаш се спротивставија сите клубови, па дури и „богаташите“ од ПСЖ кои велат дека тоа е неразумно за кој било клуб учесник во ракометна Европа.

„Загриженоста е голема, не само кај нас, туку кај цела Европа. Пред извесно време имавме онлајн состанок со преставниците на ЕХФ околу Лигата на шампионите и сите искажаа загриженост околу играњето оваа есен. Имаше некои препораки да се патува со чартери, но директорот на ПСЖ Бруно Мартини сѐ кажа во една изјава: ’Тоа е прескапо дури и за нас’, вели директорот на ППД Загреб, Ведран Шупуковиќ.