Дресот со број 10 е престиж во секој клуб. Обично таа бројка на својот грб ја носат најдобрите, најпознатите фудбалери во тој клуб. Така е во светот, или така е вообичаено. На пример во Барса тој дрес го носи Меси, во ПСЖ го носи Нејмар…

Кога сме кај Шкендија од пред некој ден “десетката“ ја носи Валон Ахмеди. Интересно, зошто во тетовскиот клуб има поголеми “ѕвезди“ од Ахмеди, како Бесарт Ибраими и Арменд Алими, но тие си ги имаат своите бројки одамна, и “седмицата“ и “петката“ и Бесарт и Арменд нема да ги менуваат за ништо. Ахмеди во Шкендија дојде во зимскиот преоден рок, во тие 5-6 натпревари од прекинатата пролетна сезона не покажа нешто посебно, но сега веројатно ќе биде подобро ако се знае дека во ослабениот тим на Шкендија тој би требало да биде еден од главните. Впрочем на вчерашниот пријателски меч со Работнички, кој тетовци го добија со 2:0, Ахмеди постигна убав гол по една соло акција.

Инаку кога сме кај “десетките“ на Шкендија, во изминатите 6-7 години, тој дрес го носеа Бојан Вручина, потоа Ферхан Хасани и до пред некоја недела Агим Ибраими. Интересно е и тоа што цели шест месеци, по заминувањето на Буба Хасани, а до доаѓањето на Агим, никој во Шкендија го немаше облечено тој дрес.

А сега му припаѓа на Валон Ахмеди, веројатно времињата се менуваат.