Организаторите на Австралија опен планираат да го организираат претстојниот турнир, кој ќе биде целосно безбеден, со многу помал број гледачи.

Крег Тајли, првиот човек на австралискиот тенис, внимателно ја следи ситуацијата со УС Опен и Ролан Гарос, но веќе знае како ќе изгледа првиот турнир во 2021 година.

Во интервју за агенцијата АП, Тајли рече дека во јануари ќе има значително помал број на гледачи поради почитување на мерката за одржување на оддалеченоста, додека сите во Мелбурн Парк ќе бидат во некој вид биолошки балон.

Исто така, нема да биде дозволено присуство на публика надвор од австралискиот континент, а сите тенисери кои доаѓаат во Австралија ќе бидат тестирани и ќе бидат сместени во еден од хотелите што ќе бидат специјално одвоени, а ќе патуваат на натпревари и тренинзи со превоз кој ќе служи само за таа цел.

„Одлуката ја донесовме оваа недела и одиме со тоа сценарио. Посетата нема да можеме да ја оствариме како што беше минатата година, тоа е рекорд од 821.000 гледачи. Фановите ќе бидат од Мелбурн и државата Викторија, остатокот од Австралија и евентуално Нов Зеланд, доколку не постојат ограничувања. Оние 15 проценти од публиката, кои обично доаѓаат од остатокот на светот, нема да бидат присутни следната година“, рече Тајли.