За навивачите на Ферари, се чини, добри денови нема ни на повидок. Се чини дека „црвените“ не можат да му се спротивстават на Мерцедес во борбата за титулата во Формула 1 оваа сезона, а прашање е дали ќе можат да бидат и на второто место. Од самиот врв на компанијата, предупредуваат дека болидот нема да им биде конкурентен ниту следната година.

Последен пат кога возачна Ферари ја освои титулата беше во 2007 година, додека во 2008 година италијанскиот тим ја презеде титулата во конкуренција на конструктори. Оваа година е јасно дека Ферари не е во борба за титулата, а прашање е дали ќе биде наскоро.

„Оваа година не сме конкурентни поради грешки во дизајнот на болидот. Имаме голем број структурни слабости кои постојат долго време во аеродинамиката на возилото. Исто така изгубивме голема моќност на моторот. Реалноста е дека нашиот автомобил не е конкурентен. Ќе видиме многу повеќе на крајот на годината, но конкурентен Ферари може да очекуваме, не пред 2022 година кога ќе се променат правилата. Убеден сум во тоа“, изјави првиот човек на тимот, Џон Елкан.

Од следната година, Ферари ќе има многу млада постава, затоа што место Себастијан Фетел ќе пристигне Карлос Саинц.

„Маранело ќе биде нивниот дом, тие ќе бидат близу до инженерите и заедно со нив ќе се раѓаат новите машини“, дополнил Елкан.