Фудбалерите на Ријека и оваа година се освојувачи на хрватскиот фудбалски куп. Во финалето одиграно вечерва во Шибеник, тимот на нашиот репрезентативец Дарко Велковски со голот на Халиловиќ во 76. минута дојде до минимална победа од 1:0 над екипата на Локомотива Загреб и го повтори успехот од минатата година, кога во финалето беа подобри од Динамо (З).

За Ријека ова е шестиот куп-трофеј во историјата, а дури четврти во последните 6 сезони. Овој трофеј е утешна награда, откако Ријека не успеа да се пласира во Лигата на шампионите, токму поради Локомотива Загреб која во последното коло од шампионатот успеа да се пробие до 2. место.