На лош начин се разви кариерата на шпанскиот тренер Пабло Мачин во кинескиот Циндао Хуанхај. Тренерот кој претходно го предводеше Еспањол потпиша со азискиот клуб на почетокот на јули и се очекуваше негово доаѓање за да почне со работа. Но негов роднина со коронавирус тотално му ги сврте плановите и доведе до тоа кинескиот клуб да го избрка уште пред да почне со работа.

„Мачин бил во близок контакт со зараениот роднина и не може да патува, мора да оди во самоизолација. Не се знае кога тој ќе може да пристигне и затоа одлучивме да ја прекинеме соработката. Имавме желба да соработуваме, но сакаме и да ја осигураме безбедноста на клубот и Суперлигата“, коментираат од клубот.

Сепак оваа вест може да го израдува Алавес, кој бара тренер, а Мачин е на нивниот список.