Милан Томиќ дефинитивно задоволи со своите настапи во дресот на Академија Пандев летово, и затоа е награден со професионален договор.

Екс младинецот на белградска Црвена Звезда потпиша на две години со Академија Пандев и со тоа ги реши дилемите околу неговиот статус во моментов.

„Презадоволен сум од  она што Академија Пандев и Струмица ми го понудија како клуб и како град во моментов. Прифатен сум одлично и од соиграчите, управата, сите се супер немам никакви замерки. Што се однесува до договорот и статусот нормално дека сум задоволен што ќе бидам дел од Академија Пандев, клуб кој што дава шанса очигледно на млади играчи желни за докажување. На мене е сега да ја оправдам дадената доверба и да одработам максимално како на тренинзите така и на мечевите во првенството“ – вели Томиќ за Спортмедиа.

Србинот е во Струмица веќе извесно време, одработи подготовки со екипата, одигра доста мечеви и очигледно дека стручниот штаб на чело со Александар Таневски е задоволен од него. Тој на сениорско ниво има настапувано за екипите на Графичар и Звездара, кои се сателит екипи на Црвена Звезда.