„Ова беше најдолга и најтешка сезона во мојата кариера. На крајот се излезе како што треба и затоа сега време е за одмор. Сакам да одам во пензија со публика на трибините“, коментира за СПОРТМЕДИА нашиот капитен

Капитенски ја води Македонија, капитенски ја спаси Џенова во битката за опстанок во Серија А. Горан Пандев минатата сезона ја почна со подготовките на 35 години а ја заврши вчера со мечот против Болоња со 37 години!

Најстариот клуб во Италија во последното коло го осигура опстанокот во елитата. Горан Пандев за СПОРТМЕДИА ги коментира последните настани во својот клуб, неговата иднина…

Зад нас е една тешка, напорна, драматична и многу лоша сезона. Сезона во која имавме долга пауза поради пандемијата и продолжување на сезоната пред празни трибини. За наша среќа крајот е добар. Опстанокот е осигуран и јас лино сум задоволен и од мојот учинок. Одамна немав дадено 9 голови за една сезона еве сега тоа ми успеа и со 37 години“, на шала коментира нашиот „ГРАНДЕ“ капитен.

Среќа што игравме со Верона. Кај нив немаше некој посебен мотив затоа што и тие како и повеќето екипи кои одамна го осигураа опстанокот како со нетрпение да ја очекуваа паузата и одморот. Повеќе мислеа на крајот на сезоната за разлика од нас кои се боревме за опстанокот. Имавме одлино прво полувреме, 3:0 предност и добар резултат на Парма кај Лече. Се поклопија коцките и среќен сум поради тоа“, додава Пандев кој оваа сезона одигра 34 средби и постигна 9 гола за Џенова каде е и најдобар стрелец.

Сепак Горан Пандев ни открива една вистина.

Ако испаднеше Џенова јас немаше да играм во Серија Б. Ќе се пензионирав!!! Вака сега се активира договорот на уште една година и сакам да играм фудбал повторно пред полни трибини. Тој договор, мојот опстанок во Серија А е само поради репрезентацијата и нашите шанси да играме на ЕП. Тоа е сега мојот сон и мојот следен предизвик. Ќе играм додека трае тој сон, таа надеж за настап на Македонија на ЕП. Не делат два чекори – првиот е Косово на 8 октомври во Скопје. Јас верувам дека ќе успееме“, открива легендарниот фудбалер во Серија А кому му недостигаат уште 6 погодоци за јубилејната „стотка“ во најдобриот шампионат на Италија.

Горан Пандев според медиумите во Италија е главната алка поради која Џенова успеа во мисијата и се спаси од испаѓање од лигата. Македонецот е човекот кој ги помирува страстите помеѓу раскараните навивачи со управата на клубот. Џенова е спасена, сега за Пандев следи заслужен одмор и полнење на батериите за новите предизвици.