По завршувањето на првенствата во Европа, познати се сите екипи кои се можни ривали на Ренова и Шкупи, нашите претставници во 1.квалификациско коло во Лигата на Европа. За Шкендија веќе пишувавме кои се можни ривали, тетовци се наоѓаат во групата на носители во ждрепката за стартното коло, додека Ренова и Шкупи кои се аутсајдери ќе имаат навистина тешки ривали. Ждрепката ќе се одржи на 10 август, а мечевите од 1.коло, и тоа по еден, а не по два како што беше досега, се закажани за на 27 август.

Јасно е дека непосредно пред ждрепката ќе се одредат групите, веројатно по региони, но за тоа потоа, сега да видиме кои се можните ривали.

Најтешко секако дека ќе биде со Апоел, Партизан, Малме, ФЦСБ, Марибор… екипи кои имаат најголем ранкинг. Тука се и Розенборг, Аполон Лимасол, МОЛ Фехервар, Лех Познањ, Динамо Минск,Абердин, Зрински… екипи кои ќе бидат апсолутни фаворити против нашите претставници, кои се објективно послаби. Па така Ренва и Шкупи би имале некакви шанси ако се паднат со екипи од типот на Линколн (Гибралтар), Санта Колома (Андора), Торшавн (Ф. Острови), екипи кои мора прво да го минат преткфалификациското коло. Или пак да имаат среќна ждрепка и да се паднат со Номе Калку (Естонија), Хафнарфјордур (Исланд), Шамрок Роверс (Ирска), тоа се екипи кои во еден натпревар и со малку среќа би можеле да се поминат.

Да повториме дека поради пандемијата на Ковид-19 овие квалификации ќе започнат многу подоцна од минатите години, ќе се игра по еден меч, а за тоа каде ќе се игра ќе има посебна ждрепка. Има опција да се игра на Кипар, такви се барем шпекулациите кои досега УЕФА ниту ги потврди ниту пак официјалнo ги демантираше.