По машкиот и женскиот тим на Вардар кои се пријавија за настап во Челинџ Купот, и екипата на Џио Струмица ќе биде македонски преставник во ова европско одбојкарско натпреварување. Струмичкиот состав прави одличен ростер за новата сезона, а една од целите ќе биде и добро европско преставување.

Челинџ Купот е трето по ранг европско натпреварување под капата на ЦЕВ во кое одбојкарите на Вардар минатата година си ја пробаа среќата, но не успеаја да ја минат првата квалификациска рунда. И оваа сезона, македонските преставници во овој куп своите настапи ќе ги почнат од квалификациите, па ако успеат да ја минат првата рунда ќе обезбедат пласман во шеснаестфиналната рунда.

Засега нема најава за точните термини за старт на сезоната во Челинџ Купот, со оглед на тоа што Европската одбојкарска конфедерација се уште ги подготвува протоколите за организација на натпреварите. Минатата година квалификациските дуели се играа во ноември.