Екипата на Лацио летово ќе се обиде во своите редови да го доведе македонскиот интернационалец и репрезентативец Енис Барди. Ова е последната информација која пристигнува кога станува збор за во моментов нашиот репрезентативец кој не крие дека има понуди летово, но и дека засега е само играч на Леванте и ништо повеќе.

„Имам договор до 2022 година и на прашањето за евентуален трансфер не можам да кажам ништо верувајте“ ни рече Енис Барди пред неколку дена во мини интервјуто за Спортмедиа. Тој во моментов се наоѓа на одмор токму во Македонија, и нормално во мир ги очекува настаните што следуваат.

А што следува за него поточно? Лацио вели дека приоритет за нивни трансфери летово се Давид Силва кој не е повеќе дел од тимот на Манчестер Сити, потоа Борха Мајорал кој е на излезна врата од  Реал Мадрид, но и нашиот Енис Барди кој реално заслужува голем трансфер со оглед на игрите кои ги прикажува во дресот на Леванте веќе втора сезона по ред. „Царува“ во средниот ред, „стрела“ , асистира, прави се што е потребно за тимот. Беше клучен играч по коронапаузата, даде голови во серија на неколку мечеви и нормално е што има понуди да замине во многу поголем клуб.

Спортмедиа пак дознава од извори блиски до спортскиот директор на Лацио, Игли Таре кој нормално има силни конекции во родната Албанија, а нормално и во Македонија, дека Барди и те како е опција за клубот.

Се спомнува и Арсенал, но според многумина Лацио е далеку пореален развој на настаните. Едно е сигурно, Енис Барди допрва ќе ја радува македонската спортска јавност.