Ѓоре Јовановски е еден од нашите најпознати и најтрофејни тренери. Бил тренер на Вардар, Шкупи (Слога Ј), потоа Работнички, Шкендија… екипи кои и во новата сезона ќе бидат “главни“ во ПМФЛ.

Специјално за СПОРТМЕДИА, екс селекторот на нашата најдобра репрезентација прави анализа за се она што ќе биде интересно во новата сезона во ПМФЛ.

Па, и покрај се, и покрај фактот дека неколку играчи си заминаа, сепак за мене Шкендија е фаворит бр.1 за освојување на титулата. “Костурот“ остана, тука е Бесарт Ибраими, клубот делува како најорганизиран во ПМФЛ и затоа сметам дека Шкендија, па потоа сите останати. Од друга страна без разлика на сите проблеми, јас очекувам Вардар да се консолидира, и затоа не би го отпишал овој клуб од битката за висок пласман, па видите што се случи лани. Тука се Шкупи, секако А. Пандев со Радески и Маркоски кого посебно го ценам како еден од нашите најдобри фудбалери. Потоа Силекс кој од сезона во сезона напредува и секако Работнички. Сите останати се тука некаде, но оставам простор за изненадувања со оглед дека оваа сезона ќе се игра под ненормални услови со оглед на пандемијата на Ковид-19“ вели Ѓоре.

-По пауза од пет месеци конечно фудбал?

Не им завидувам на моите колеги тренери. Тие си имаат големи проблеми како сега по една толкава пауза од пет месеци да ја ускладат потребна форма. И ова со подготовките, со пријателските мечеви. Видете се е поинаку кога ќе играш со посилни екипи од странство, тогаш ќе знаеш до каде си. Вака победите ти даваат лажна слика за квалитетот на твојот тим. И затоа мора да се употребат посебни методи на тренинзи, се со цел да се пополни таа празнина од пет месеци. Според мене најдобра ќе биде онаа екипа која ќе има најголем фонд на играчи, тука нема збор. Ќе има повреди, картони, Шкендија има најголем фонд квалитетни играчи и затоа ја ставам како фаворит како што реков претходно“.

-Сега засега ќе се игра без публика?

Да, јасно е дека здравјето е пред се, но јас сметам дека мора некои работи да се поправат. Ја читав изјавата на Комесарот за натпревари на вашиот сајт во врска со враќање на гледачите на стадионите, и јас целосно го поддржувам. Па не може да се дозволи во еден ресторан да има 30 лица едно додруго, да работат во конфекцијата по 40 жени во една просторија, на плажа да лежат луѓе еден до друг а на Арената во Скопје која собира 35.000 луѓе да не може да гледаат барем 1.500 навивачи. Па има место на секое 20 седиште да се седне и да нема никаков проблем. Ова Кризниот штаб мора да го знае и нешто да преземе а ФФМ да притиска колку што може. Кај нас и така има малку гледачи, па да не ги загубиме и тие малку што ги имаме на стадионите“.

-Постојано потенцирате за инфраструктурата?

Да, и сега ќе го кажам тоа што го мислам. Еве сите нека земат пример од газдата на Брегалница Кире Гогов. Откако дојде во клубот постојано нешто гради, иако станува збор второлигашки клуб се гледа дека тој човек има стратегија. Кај нас и побогати од него газди на клубови со години немаат шајка ставено што се вели. Затоа му честитам и му посакувам на Гогов само така да продолжи, кога тогаш неговата работа ќе вроди со плод. Со тоа хотелот и апартманите за своите играчи им покажа на сите како треба да се работи“ рече на крајот Ѓоре Јовановски.