Каменица Саса денес на Градскиот Стадион во Македонска Каменица го одигра првиот контролен пријателски натпревар во подготвителниот период пред новата сезона во Втората Македонска Фудбалска лига – Исток. Ова беше воедно и првиот натпревар на “зелено-црните” под водство на новиот шеф на стручниот штаб на ФК Каменица Саса, Горан Здравков.

“Рударите” го пречекаа новиот второлигаш, екипата на Росоман и во еден убав и мошне ефикасен натпревар, Каменица Саса славеше со 4:3.

Саса поведе со голот на Иле Џонов и со 1:0 замина на пауза. Росоман израмни по неколку минути игра во вториот дел, но, “рударите” повторно ја вратија предноста прво на 2:1 со голот на Никола Божинов, а потоа и на 3:1 со голот на Трајчевски. Во периодот во кој Здравков “тестираше” повеќе играчи, гостите ја искористија шансата и со два гола израмнија на 3:3. Никола Ѕурѕу пред крајот на натпреварот и донесе водство и победа на Каменица Саса од 4:3.