Селтик и Абердин нема да ги одиграат своите натпревари од шкотското првенството следната недела, поради тоа што играчите од двата тима ги прекршиле медицинските протоколи на здравствените власти и федерацијата. Претходно, портпаролот на шкотската влада изјави дека можеби е време да се запре шампионатот, иако беа одиграни само две кола.

Премиерката Никола Старџон предупреди дека Селтик и Абердин можат да бидат казнети за повеќе престапи.

„Денес им покажуваме жолт картон. Следниот пат кога ќе биде црвен, нема да имаме друг избор. Минималната казна е тоа што едноставно нема да ги видите на теренот оваа недела”, рече таа.

Дефанзивецот Боли Болинголи од Селтик отпатувал за Шпанија без најава и не беше ставен во карантин по неговото враќање. Тој дури во неделата и играше против Килмарнок. Осум играчи на Абердин биле во бар што се наоѓал во центарот на избувнувањето случаи со Ковид-19. Двајца од нив беа позитивни.