Без победник во Кратово но со многу голови каде Силекс и Пелистер одиграа борбено реми за конечни 2:2. Македонскиот претставник во квалификациските кола од Лигата на шампионите не успеа со максимален ефект по првите две домашни кола да патува за Баку и пресметката со Карабах која е во вторник. Тимот на Горан Симов имаше лош старт па направи пресврт но се случи 75. минута кога Ѓорги Танушев направи вистинско ремек дело. Беше тоа слободен удар од околу 20 метри кога фудбалерот на „зелените“ распали и ја искина пајажината во горниот десен агол на голманот Божиновски.

Пелистер добро влезе во натпреварот и по само 5 минути игра имаше 0:1. Стоперот Илиевски добро асистира со длабинска топка а младинецот Фазлију од 10 метри успева да ја тресе мрежата. Гол кој внесе многу тензии и нервоза во играта на Силекс.

Домашните дури во 35. минута со прва закана и бомба од слободен удар на Мустафов. Но во самиот финиш на првиот дел Мустафов од 10 метри бие во мрежата по одличниот пробив и асистенција од Ивановски кој проби по десната страна.

Комплетен пресврт за Силекс во 58. минута. Тантуровски како брз воз ги мина чуварите, уфрла во петтерецот, а таму е Ивановски кој погоди од 4-5 метри.

По голот на Танушев, Пелистер ги намести своите редови. Оддолеа гостинот на налетите на Силекс кој немаше финална завршница со посакувана цел.

Силекс и Пелистер по две кола имаат по 4 бода на табелата. Двата тима одиграа порано поради барањето на Силекс да има повеќе денови за одмор пред настапот на евро-сцената во вторник и патувањето за Азербејџан. Судијата Влахо со грешки го водеше натпреварот.

СИЛЕКС – ПЕЛИСТЕР 2:2 (1:1)

Градски стадион во Кратово. Гледачи: / Главен судија: Константин Влахо од Скопје. Делегат: Гоце Шопоски од Струга. Стрелци: Мустафов 43’, Ивановски 58’ (С), Фазлију 5’, Танушев 75’ (П). Ж. Картони: Николовски, Драгарски, Танушев (П), Драшковиќ (Силекс) . Играч на натпреварот: Ѓорги Танушев

СИЛЕКС: Божиновски, Драшковиќ, Гроздановски, Ивановски, Горгиев, Серафимовски, Мустафов (Жеравица 74’), Тимовски, Нешовски (Ристов 46’), Карчески, Тантуровски (Ѓуриќ 82’).

ПЕЛИСТЕР: Талески, Илиевски (Нето 81’), Танушев, Спиркоски, Борха, Драгарски, Николовски (Поповски 61’), Фазлију (Стојановски 76’), Пејаковиќ (Бошковски 62’), Илиески, Хот.