Рутински, умно и без премногу напор, фудбалерите на ПСЖ обезбедија финале во Лигата на шампионите откако вечерва во Лисабон со убедливи 3:0 го совладаа големото изненадување, германски РБ Лајпциг. Избраниците на Томас Тухел буквално доминираа 90 минути на вечерашниот дуел и во ниту еден момент не оставија простор Германците да се понадеваат на некаква сензација.

Со головите на Маркињос во 13. и на Ди Марија во 42. минута, парижани уште во првото полувреме ставија дознаење дека се гледаат како финалисти на најсилното натпреварување на Стариот континент. Иако РБ Лајпциг во вториот дел малку го крена квалитетот на игра, беше далеку од можност за пресврт.


Со голот на Бернат во 56. минута, практично паднаа во вода сите надежи на Германците, а ПСЖ рутински го приведе мечот до крај и го запоседна местото во големото неделно финале, каде за противник го чека подобриот од утрешната пресметка меѓу Баерн (М) и Лион.