Кошаркарите на Далас Маверикс го совладаа Лос Анџелес Клиперс со 135:133 (продолжение) и израмнија на 2:2 во првата рунда од плеј-офот на Западот. Маверикс дојдоа до голема победа, благодарение на неверојатниот пресврт во кој се вратија од минус 21 поен, секако, во најголем дел благодарение на феноменалниот Лука Дончиќ.

Без Кристап Порзингис кој не играше поради оток на десното колено, Далас сепак победи и се избори за ново продолжение на неизвесноста во пресметките со Клиперс. Дончиќ стигна до трипл-дабл за помалку од половина час и го заврши мечот со 43 поени (18/31), 17 скока, 13 асистенции, две украдени топки, еден блок. Мечот го реши практично сам, со тројка во истекот на последната секунда од продолжението, откако Клиперс во претходниот напад со тројката на Морис дојдоа до водство од 133:132.